Добри вести за Македонците во Германија кои планираат нов дом – цените тоа го покажуваат

Цените на становите и куќите во Германија доживеаја најголем пад во последните 20 години. Трендот постои во метрополите, како и во селата, а експертите очекуваат тој да продолжи и во 2024 година.

Падот на цените на станбените недвижности во Германија се забрза. Во периодот меѓу јули и септември цените паднале за 10,2 отсто во однос на истиот период лани, објави Сојузниот завод за статистика. Тоа е најголемиот пад од почетокот на сериите во 2000 година. Во вториот квартал е забележан пад од 9,6 проценти. На почетокот на годината беше минус 6,8 отсто.

Во однос на вториот квартал од 2023 година, цените на станбените недвижности се паднати за 1,4 отсто. Од нивниот врв во вториот квартал од 2022 година, цените сега се намалени во споредба со претходниот квартал. Цените во просек паднаа и во градовите и во руралните региони. Во метрополите Берлин, Хамбург, Минхен, Келн, Франкфурт на Мајна, Штутгарт и Диселдорф, куќите поевтинија за 12,7 отсто, а купувачите мораа да платат во просек 9,1 отсто помалку за станови отколку во претходната година.

„До 2022 година постоеше шпекулативен ценовен меур во Германија, еден од најголемите во последните 50 години“, истакнува Константин Холодилин од Одделот за макроекономија на Германскиот институт за економски истражувања. „Од тогаш цените паѓаат. Меурот пукна.”

Според ДЦ банката (DZ Bank), цените на станбениот имот во Германија веројатно ќе продолжат да паѓаат во 2024 година. Според актуелна студија на банката, корекцијата на цената се очекува да заврши следната година, пренесува Дојче веле на македонски јазик.