Иако поминаа 4 месеци, се уште нема обвинение за човекот што ја уби 46-годишната жена во Кочани
И по четири месеца од свирепото убиство на 46-годишната кочанчанка, предметот сѐ уште е во предистражна постапка. Поранешниот партнер нејзе ја усмрти со 40 убоди од нож пред нејзината куќа, но за него сѐ уште нема обвинение.
Претседателката на кочанскиот Основен суд вели дека предметот е во истрага и тие како институција немаат добиено обвинение за случајот. Од Обвинителството, пак, кратко известија дека истрагата е во тек, не откривајќи други детали.
Свирепото убиство се случи на 25 септември минатата година, кога убиецот во раните утрински часови ја начекал жртвата пред да замине на работа и ја лишил од слобода со кујнски нож нанесувајќи ѝ 40 убоди во градите, стомакот, вратот и рацете. 59-годишниот маж по убиството ја почекал полицијата и се предал.
И додека за ваквиот случај нема обвинение, институциите бележат бројка од над 1000 случаи на семејно насилство за девет месеца од минатата година. Најактуелно е психичкото, но и најмалку забележително и тешко се докажува, вели министерката за труд и социјала, Тренчевска.
Агонијата на жртвата од Кочани траела седум години. Таа живеела со закани и била уценувана од претходниот партнер со наводно компромитирачки фотографии.
Иако во април минатата година го пријавила, сепак нејзината пријава не била сфатена серизно. Тогаш од ОЈО посочија дека била уценувана во врска со кредит, но дека немало закани по нејзиниот живот и загрозување на сигурноста.