Пожарникарите во Кочани распоредени на неколку пункта низ градот во состојба на приправност – познато и зошто
Општо познато е дека поради новогодишните и божиќните празници во градовите во внатрешноста од Македонија има зголемена фрекфенција на луѓе и возила, пред се поради доаѓањето на иселниците.
Гужвите и метежите во овој период од годината во помалите места се големи, па надлежните преземаат мерки за да се олеснат.
Па така Територијалната противпожарна единица – Кочани од попладневно со возила и пожарникари се распоредеи на пунктови на две локации во градот за да обезбедaт поголема ефикасност и побрзо интервенирање во случај на пожар или други потреби.
Поставувањето на дежурните пунктови се должи на зголемениот интензитет на сообраќајот во градската средина што претпразнично го зафати Кочани и отежнатото движење на возилата низ кочанските сообраќајници.
– Поради зголемениот метеж во сообраќајот во градската средина и неможноста на противпожарните возила во случај на пожар навремено да стигнат до локацијата поставивме дежурни пунктови на две локации во Кочани.
На локациите кај Градскиот плоштад и излезот на градот кај „Грозд“ интервентни возила и пожарникар се во приправност за брза реакција доколку се пријави пожар.
Утрово имавме дојава за запалено патничко возило во центарот на Кочани и нашите екипи поради гужвата во сообраќајот имаа потешкотии да стигнат до местото на настанот – истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.
Мобилните екипи се во состојба на приправност и работат во координација со дежурната екипа во Територијалната противпожарна единица – Кочани.
Дежурните пунктови ќе останат се до расчистување на сообраќајниот метеж и ќе продолжат во наредните денови доколку има потреба за тоа, информираа од ТППЕ – Кочани