Се огласија со апел од клиниката на д-р Жан Митрев: Се надеваме на разбирање
По расплетот во врска со судењето на доктор Жан Митрев, од официјалната фејсбук страница излегоа со известување до јавноста:
Почитувани,Изминатиов период до нас пристигнаа огромен број писма со поддршка, имаме постојани јавувања и пораки од наши пациенти каде се искажува поддршката за Клиниката и за доктор Жан Митрев.
Благодарни сме за довербата и поддршката што ни ја давате од самиот почеток на „процесот“. Зад нас имаме големи успеси во подигнувањето на стандардите на здравствените услуги и резултати во државата, голем број пациенти побарале помош и спас кај нас и ни го довериле своето здравје.
Денес тие се дел од нашето семејство.Со оглед на тоа што се ближи почетокот на првото рочиште и минатиот пат дел од пациентите самоиницијативно се организираа за да ни дадат поддршка, овој пат ги повикуваме да останат во своите домови.
Претстојат 4 последователни рочишта кои што се закажани на кратки временски интервали, на 13 јуни, па на 15ти, 16ти и на 19ти јуни и поддршката со физичко присуство би претставувало оптоварување на вашата здравствена состојба.
Временските услови, топлото време и променливите температури не се добри за срцевите болни или оние кои имаат состојба што се следи со терапија. Колку и да ја сакаме вашата поддршка пред судот, вашето здравје е пред сѐ наша обврска.
Затоа ве замолуваме да не доаѓате пред Судот за да ја искажете вашата поддршка.
Исто така, апелираме и до нашите вработени кои се револтирани од притисоците на кои се изложени сето ова време, да се фокусираат на она во што се најдобри, а тоа се својата работа и беспоштедната грижа за пациентите.
Нашата борба продолжува во судницата со помош на вистината и фактите кои се на наша страна. Борбата ќе трае, но исходот кој го очекуваме е ослободителна пресуда. Се надеваме за разбирање на оваа наша молба и уште еднаш им благодариме на сите за поддршката.