Се променија три министри за здравство, а никако да стигнат 100 возила за Брзата помош за Македонија најавени од Кина
Уште пред три години вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во улога на национален координатор за странска помош имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.
На средбата беа разменети писма за соработка меѓу владите, а беа потпишани и два договори за неповратни грантови за реализација на проекти во секторите здравство и социјална заштита, како и научно – истражувачка дејност во висина од речиси четири милиони евра.
Договорот за поддршка во здравствената и социјална заштита е финансиран со грант во вредност од 30 милиони јуани, износ кој надминува три милиони и 800 илјади евра, а преку кој ќе се набават над сто возила за потребите на здравствениот сектор, вклучувајќи и опрема, за потребите од итната медицинска помош, како и унапредување на услугите за домашните посети во здравството – истакна Османи тогаш.
Од тогаш минаа три години, се променија и три министри за здравство, Венко Филипче, Беким Сали и актуелниот Фатмир Меџити, но од големата набавка на најавените сто возила ништо на виделина.
Нема ниту едно, а камоли стотина кои што ги најавија. Здравствените центри низ државата, поточно дел од нив успеаа преку сопствени средства или донации да го закрапат со по некое возило дотраениот возен парк, додека други се уште чекаат.
Од поодамна не се зборува за оваа донација или пак нема најава од државата и ресорното министерство дека ќе се набават возила за Брзата помош.
Особено тешка е ситуацијата во помалите градови каде секојдневно се транспортираат лица кон Скопје и поголемите клиники во градовите со оглед на тоа што во помалите места и болница веќе сериозно недостатува медициснки кадар, доктори, сестри, болничари.