Точно пред 10 години Македонија загуби четири врни пилоти при пад на полициски хеликоптер

На денешен ден 2014-та година, ноќта околу 22 часот на периферијата од градот Струмица, се случи трагичната хеликоптерска несреќа, во која загинаа четворицата искусни пилоти на МВР, Драги Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.

Според тогашните информации од МВР, хеликоптерот бил произведен 2008 година и имал опрема за ноќно летање. Пилотите во текот на денот биле на ноќен лет на релација Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно, а во текот на летот била користена ноќна визуелизација. Околу 22 часот хеликоптерот тип МИ17, со регистарски ознаки MAP 7712 удрил во антенски столб на Македонската радиодифузија. Во текот на летот пилотите не пријавиле проблем.

Според очевидци, кои го виделе падот на хеликоптерот, четворицата пилоти ги жртвувале своите животи за да ја спасат Струмица од катастрофа, кога решиле да слетаат на ливадата на која единствено имале место да атерираат без да ги загрозат околните објекти.

Во близина на местото каде се сруши хеликоптерот има неколку фабрики, а на сто метри има и бензинска пумпа, па во експлозијата на керозинот можело да се запалат и овие објекти и да дојде до катастрофален пожар.

Противпожарната станица била известена за пожарот во 22:05 часот и само по 4 минути две возила тргнале кон местото. Пожарникарите реагираа со 12.000 литри вода и бидејќи станувало збор за високо запалливи материи од керозинот, се користело вода во комбинација со пена.