Шофери на камиони се кренаа на штрајк со глад во Германија: Со месеци не добиле плата
Камионџиите од источна и централна Европа, кои во Германија штрајкуваа со глад поради неисплатени плати, го прекинаа гладувањето од здравствени причини. Но, и натаму штрајкуваат на постојката за одмор Грефенхаузен, во покраината Хесен. Велат: „Ќе се бориме до крај“.
Луѓето да почнат да гладуваат? Во 21 век? Во Европа? Шокиран сум!“, вели Роман, возач на камион од Украина.
Возачи на камиони за полската шпедиција Мазур во Германија штрајкуваат од средината на јули. Во моментов има над 80 возачи, главно од Грузија и Узбекистан, но и од Украина и Турција. Тие ги бараат неисплатените плати и дури штрајкуваа и со глад.
Фајзула, возач на камион од Узбекистан, вели:
„Овде доаѓаат луѓе од телевизија и радио. Се сретнавме со политичари и пратеници – но нема никаква реакција од нашиот работодавач.“
Тие возат низ цела Европа за 80 евра дневно, а платите не им се исплатени со месеци.
„Ни ветија 80 евра, но секој месец измислуваат нови казни“, раскажува Фајзула.
Според нивните информации, полскиот шпедитер Мазур им должи на возачите над 500.000 евра.
„Искрено, ние сме работници со ниски плати. Тоа е во ред. Не сакам да ме плаќаат како Германец. Но, никој не работи бесплатно. Барем да го исплатат тоа што го ветија“, бара Украинецот Роман.