Крах на творецот на Дормео, Делимано и Космодиск: Од 200 милиони до банкрот и борба за опстанок
Само пред една година „Санди Чешко“ беше рангиран меѓу десетте најбогати Словенци со богатство од 200 милиони евра. Сега основачот на Дормео и другите брендови на групацијата „Студио Модерна“, за словенечките медиуми призна дека има проблеми во компанијата и дека доцнат платите и другите обврски на вработените.
Санди Чешко, еден од најбогатите Словенци и „крал“ на телевизиската продажба, кој со своите брендови Дормео, Делимано и Космодиск навлезе во речиси секое домаќинство во овој дел на Европа, за словенечките медиуми потврди дека е во деловни тешкотии.
– Основачот на Дормео и другите брендови на групацијата „Студио Модерна“ денеска не сакаше да биде пред камерите. Но, тој во кус телефонски разговор за медиумите призна дека во компанијата има проблеми – дека на вработените им доцнат платите и другите обврски.
Но, за него приказната не е завршена и до крај ќе работи напорно за опстанок на компанијата – пренесува порталот 24.ур, потсетувајќи дека пред само една година Чешко беше рангиран меѓу десетте најбогати Словенци со богатство од 200 милиони евра. Ако се “зирне“ подлабоко во минатото, Чешко стоеше уште подобро.
– За само дваесет години, „Студио Модерна“, почнувајќи од нула, прерасна во компанија со осум илјади вработени, половина милијарда евра приход со работење во дваесет земји – рече Чешко во интервју за Јутарњи лист во јули 2020 година, откривајќи дека тоа е во овој период со кој се заокружи десетгодишното излегување од сопственичката структура на „Студио Модерна“ во корист на инвестициските фондови контролирани од словенечкиот бизнисмен Дарко Хорват. Сепак, веќе следната година Чешко го купи „Студио Модерна“ од Хорват, пишува Јутарњи лист.
Деловната филозофија на основачите на „Студио Модерна“ е малопродажба на сопствени брендови преку сите можни канали, меѓу кои, барем на почетокот, клучот беше телевизијата.
Триесет години по претприемачкиот почеток на Санди Чешко, веќе никој не се сомнева дека основачот на „Студио Модерна“ во овој дел од Европа прв сфатил дека не мора да ги нуди своите брендови само во кратки телевизиски реклами со скапи рекламни цени, туку исто така дека многу поголем ефект може да се постигне со специјални емисии и програми за „телевизиска продажба“.
Во раните деведесетти години на минатиот век, Чешко беше еден од пионерите на директното рекламирање и продажба, што донесе вртоглав раст и нови пазари.
Приказната за Космодиск, пластична лента која ги елиминира болките во грбот и проблемите со ‘рбетот, е уште поинтересна. Според сведочењето на поранешниот деловен соработник на Санди Чешко, Бранимир Бркљач, Чешко ги купил авторските права за Космодиск од неговиот пронаоѓач Бранко Стојановиќ од Србија.
– Чешко го основа „Студио Модерна“ во 1992 година и започна со продажба на Космодиск, прво во мали количини. Во пролетта 1993 година се договоривме за продажба на правата на Космодиск на „Студио Модерна“. Нарачавме и добивме медицински истражувања за влијанието на Космодиск во лекувањето на проблемите со ‘рбетот.
На Поп ТВ ги емитувавме првите видеа за Космодиск. Тогаш се роди идејата за Топ шоп, кој ќе ја консолидира продажбата на неколку производи, и така започна проширувањето од Словенија до Хрватска, Унгарија и другите пазари – сведочи Бркљач во неодамнешното интервју за најгледаниот деловен подкаст во регионот, „Бизнис приказни“.