Големо олеснување до станување Германец – познато кои се промените за добивање нивен пасош
Германија е доселеничка земја. Тоа на својата официјална интернет страница го истакнува и Министерството за внатрешни работи и притоа се повикува на статистиката, според која повеќе од четвртина од граѓаните имаат мигрантско потекло, а кај децата помлади од 14 години тоа се повеќе од третина. Во земјата живеат околу 13,5 милиони граѓани без германско државјанство, односно 16% од населението.
Но, кога се работи за натурализацијата, односно доделување германско државјанство на странци, Германија е меѓу последните во Европа.
Додека во Шведска во 2021 година на десет од 100 странци им е доделено шведското државјанство, а во Холандија на 5,4 – во Германија квотата изнесува 1,2 проценти.
Причината се пред сѐ многу рестриктивните услови за добивање државјанство. Неодамна владејачката коалиција во Бундестагот претстави нов Закон за државјанство со кој би се промениле досегашните строги услови.
Најголема препрека досега беше одредбата според која се инсистира на начелото за едно државјанство, смета Јули Шефер, правник во канцеларијата „Шлун и Елвен” од Келн, специјализирана на правото за странци. „Тоа што пред сѐ потомците на некогашните гастарбајтери од Турција или Западен Балкан ги спречува да добијат германско државјанство е што мора да се одречат од дотогашното. Германија е една од ретките западни држави која и натаму инсистира на тоа”, нагласува Шефер.
Во нацртот се предвидува одрекувањето од дотогашното државјанство веќе да не е услов за стекнување на германското и истовремено се крати периодот на потребен непрекинат легален престој во земјата од осум на пет години, како што е во повеќето европски држави.
Притоа е многу важно дека со новиот закон ќе се воведе некој вид автоматизам, затоа што „двојното државјанство е формулирано како начелно право. Тоа значи дека кога сите други услови се исполнети, надлежните власти мораат да го натурализираат барателот, односно веќе немаат маневарски простор”, нагласува Шефер.
Сегашниот закон двојното државјанство го предвидува само како исклучок и е резервирано пред сѐ за граѓаните на ЕУ, кои без проблем може да имаат две државјанства.
За добивање германско државјанство освен потребниот легален престој во земјата, потребно е исполнување и на други услови. Еден од нив кој останува непроменет и во новиот предлог е дека лицето не смее да биде правосилно осудено за кривично дело.
Освен тоа и натаму ќе биде потребна потврда за познавање на германскиот јазик со тоа што досега се бараше напредно ниво Ц1, а според нацрт законот во иднина ќе биде доволно и ниво Б1, а за посебни случаи се предвидени исклучоци кога е доволна само способност за најнужна комуникација.
Исто такаи натаму се бара полагање на тестот за „натурализација” со кој се покажува познавање на некои основни информации за Германија.
Стекнувањето двојно државјанство треба да биде олеснето за странските студенти доколку веднаш по студиите најдат работа и почнат да работат.
Притоа и времето за студирање ќе се признае како време на легален престој за потребните пет години за поднесување барање за државјанство.
Предлог новиот Закон за државјанство владејачката коалиција го претстави на крајот на мај во Бундестагот. Се очекува во редовна закинска процедура да влезе во текот на есента.