Професорот Трајковски прашува: Какво е ова донирање пари од физички лица на политички партии
Професорот Дејан Трајковски е едно од најпознатите јавни лица на социјалните мрежи кој често пишува објави поврзани со анализи, статистики, како и свои ставови во врска со одредени прашања. Така и сега напиша:
Какво е ова донирање готови пари од физички лица за финансирање на политички партии? Било дозволено да се донираат до 10 просечни плати годишно, односно до 3.500 евра од едно лице, без никакви проверки. Внесувањето кеш од физички лица е најголемиот филтер за перење коруптивни пари, чија трага не може никако да се следи.
Ова треба итно да се забрани или барем лимитот да се намали на 100 или 200 евра по лице годишно. Партиите да отворат претпријатија со исклучива цел за финансирање на своите активности.
Така сметководствено ќе може да се следи трагата на парите, а што е уште поважно ќе се види и дали влегувале во бизнис со државните институции кадешто тие самите управуваат. Излишно е да се каже, но ова исто така треба да биде забрането.
Може евентуално да остане и државното финансирање, но секакво спонзорирање, а особено внесување готовина од страна на физички лица мора максимално да се намали, па и сосема да се забрани.