Германија воведува нови олеснителни мерки за работниците од Балканот – ќе има најмодерен доселенички систем
Според последните податоци, на Германија и недостасува стручна работна сила во делот на информатичка технологија, нега, но и добри мајстори и логистичари.
Според сојузната Агенција за вработување, во Германија мора да се доселат 400.000 квалификувани работници годишно и треба да останат во земјата за пазарот на труд да биде стабилен. Но во 2021 година беа само 40.000.
Со цел да се променат работите, сојузната влада си зададе амбициозна цел – да создаде „најмодерен доселенички систем во Европа“, како што тоа минатиот ноември го формулираше министерот за труд, Хубертус Хајл.
Владата сега одобри нов нацрт-закон за доселување на квалификувани работници. Тој спаѓа во реформите кои пред три години ги започна претходната демохристијанска-социјалдемократска влада.
Со нацрт-законот треба да се отвори можноста за квалификувани работници од земјите кои не се членки на ЕУ да живеат и работат во Германија. Во иднина треба да има три начини за доселување во Германија: признавање на квалификации и дипломи, како што беше возможно и досега, потоа со дозвола за квалификувани работници со работно искуство, како и за луѓе со потенцијал, но без потпишан договор за вработување.
Се планира и поголем број луѓе да ја добијат таканаречената „сина карта“ на Европската унија, бидејќи е намален лимитот за минимален приход поврзан со неа. Оваа „сина карта“ во Германија важи десет години.
Луѓе со факултетски дипломи може да дојдат во Германија и без познавање на јазик и без вообичаената институционална проверка дали за работното место за кое се заинтересирани веќе има кандидати од Германија или од другите земји на ЕУ.
За да се исклучи нелојална конкуренција, овие експерти до сега мораше да имаат годишен приход на одредено ниво. Сега таа долна граница е доста намалена. До сега странецот мораше во договорот за работа да има најмалку годишен приход од 58.400 илјади евра, додека кај дефицитарните занимања оваа граница беше пониска, 45.552 илјади евра.
ИТ експертите можат да добијат „сина карта“ и без завршен факултет ако имаат работно искуство на академско ниво.Освен тоа со нацрт-законот се дозволува и промена на браншата, па доселениците може да работат било каква квалификувана работа. На пример автомеханичар би можел да најде работа и како логистичар.
Дополнително правило се однесува на луѓето од Западен Балкан. Досегашната регулатива за овие земји која важеше до 2023 година ќе биде продолжена на неодредено време. Годишниот контингент за шесте земји сега е удвоен на 50,000.
Покрај ова, нацрт-законот предвидува и помалку препреки при признавањето на квалификациите на странските работници и нивните дипломи. Досега овој процес траеше доста долго.
Според новите правила, луѓето веќе нема да мора да поднесат барање за признавање на нивните дипломи во Германија ако имаат најмалку две години работно искуство и ако нивните квалификации се признаени во државата од која доаѓаат.
Ова правило сепак важи само за квалификуваните работници кои имаат приход над одредена граница.Според нацрт- законот, ќе биде воведена и таканаречена „карта на шанси“ која се заснова на систем на бодување. Со неа луѓето може да дојдат во Германија и една година да бараат работа. Потребна им е странска стручна или факултетска диплома.
Критериумите за добивање на оваа карта ќе бидат познавање на германски и/или англиски јазик, возраст, работно искуство, врски со Германија и потенцијални партнери или партнерки за доселување со носителот на оваа карта. Освен тоа, луѓето кои ја поседуваат оваа карта ќе можат да работат 20 часа неделно надвор од струката додека бараат работа според струката.