Готово е: Пристигнаа извештаите од обдукцијата на телата на Вања и Панче
Основното јавно обвинителство информира дека во обвинителството пристигнале обдукциските наоди за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кои беа пронајдени мртви на 3 декември во околината на Скопје и Велес.
Станува збор за наодите што се дел од истрагата која Основното јавно обвинителство Скопје ја води против Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за убиствата на Ѓорчевска и Панче, кој е во притвор во Турција и се чека на неговата екстрадиција, и уште петмина други осомничени.
Истрагата за убиството на 14. годишната Вања Ѓорчевска и 74. годишниот велешанец Панче Жежовски започна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.
Од обвинителството соопштија дека наодите нема да се објават јавно.