Македонската барбика мета на напади, клевети и омраза, па не можеше да молчи и се огласи: Јас точно знам која сум
Сања Цинцева или попозната како македонската барби се огласи на својот фејсбук профил каде порача:
Почитувани граѓани, мои драги обожавателиСо оглед на последните случувања и оркестрираните напади врз мене како личност и како уметник, чувствувам потреба да ви се обратам.
Познато е дека музиката не познава граници, а не би требало да познава ниту политичка, ниту верска, ниту национална припадност. Музиката е создадена да обединува, да облагородува, да гради мостови! Музиката е јазик кој секој го разбира!
8 Септември е празник на сите граѓани! На него се радуваат сите кои копнееле за независна, слободна држава, без разлика на која партија и припаѓаат!
Оттука, мојата професионалност ми наложува да одговорам позитивно на укажана чест да пеам токму на овој голем празник! Како уметник, но и како личност никогаш не сум ги делела луѓето по партиска припадност, ниту по било која друга основа.
Јас сум уметник кој познава само љубители на македонската музика, на моите песни и сум силен противник музиката, песните, да им “припаѓаат” на било која партија! Песната им припаѓа на граѓаните! Но, мора да кажам и дека нема поголемо задоволство за еден пеач, да пее пред публика која го сака и прифаќа. Нема поголемо богатство од таа радост.
За жал поради мојата професионалност, сум мета на напади, клевети и омраза! Пред тие напади, ќе молчам, зошто таквите коментари и повици полни омраза, зборуваат за тие кои ги пишуваат и кажуваат!
Јас точно знам која сум! Јас сум естраден уметник кој бескрајно ја сака Македонија, земјата во која сум се родила, растела и во која творам!
И токму затоа, ова мое обраќање ќе го завршам со зборовите на големите Блага и Ефто кои треба сите да не потсетат дека “Песната е да се слуша, срце да ти опива, песната е да те гушне, рани да ти измива! Песната е да те роди, да те умре пустата!”
Ви благодарам!