Маре и Благоја од Прилеп по 20 години работа во САД се вратиле во Македонија и сега живеат на раб на егзистенција: Не и е јасно зошто немат Американска пензија
Во далечната 2000-та година заминале како туристи во посета на свои роднини во Америка, а таму останале цели 19 години. Брачниот пар, Маре и Благоја Петрески, навлезени во осмата деценија од животот, стари и болни, во 2019 година се враќаат дома во родниот Прилеп, убедени дека ќе го остварат правото барем на скромна американска пензија за тешката физичка работа која Благоја ја работел таму, откако обезбедил легална работна виза и така ќе имаат спокојна старост.
Вели, си ги плаќал сите давачки кон американската држава, ама, од за нив неразбирливи причини, не можат да дојдат до пензијата. Неуки и изнемоштени, веќе четврта година, тие овде живеат на работ од егзистенцијата со 17 илјади македонска пензија, во изнајмен стан, а најблиските не се во можност да им помогнат.
„Со сите потребни документи како што работеше таму секој Американец, така и јас работев. Земав чекови на кои што ми одбиваа за пензија,за здравство, за се. Ако чекот беше илјадарка, 300 долари запираа по разни основи.
Јас во 2017 година од Америка се јавив во Скопје, женската ми рече, не е проблем, кога ќе си дојдиш овде, ќе го оствариме правото. Кога си дојдовме, се јавувам, сега, рече, топката е префрлена во Неапол во Италија, прати таму на е-мајл. И така почна цела работа“, раскажува 74-годишниот Благоја.
Неупатени во сето ова, помош побарале од извесна Агенција во Прилеп, која ја презела обврската службено да комуницира со посочената Канцеларија во Неапол. Таму, им биле испратени сите побарани документи. Првично дури и им била побарана и сметка каде да им бидат испраќани парите, но од пензијата ништо. Без никакво конкретно образложение, по сета таа админстративна голгота, Благоја бил одбиен.
„Требаше да вратат барем некакво писмо од Америка, образложение… Овие од Скопје, од Амбасада можат многу, многу да помогнат, а не МНР се занимава со триста проблеми што ги има државава, некој ќе се заниша од Минисерствово за Благоја Петрески оти во Америка не остварил право или не загинал таму во зградите некаде“– вели Благоја.
Благоја, додека бил во Америка работел како физикалец, учествувал и во расчистувањето на урнатините од Кулите-близначки, а работел и со многу опасни материјали, најчесто со азбест, за што уште тамошните адвокати му кажувале дека ќе му следува и соодветен надоместок за тоа.
Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Алфа ТВ.