Наум Петрески за парите кои ги доби од Министерството: Смешно е да се коментира за таа сума
Кога Наум Петрески настапува забавата и атмосферата секогаш е загарантирана. Неговите песни и хитови се едни од најслушаните, како кај нас, така и во дијаспората кај нашиниците.
Настапувал на речиси сите фестивали во Македонија и на голем број во странство, а одржал голем број на концерти ширум светот.
Несомнено важи за еден од најистакнатите наши фолк пејачи кој долги години опстојува на сцената.
Имено на Наум Петрески му се одобрени 60.000 денари, односно околу илјада евра од Министерството за култура, за проект -Издавање на музички албум ЦД Наум Петрески ,,Незаборав”, на Друштво за услуги и трговија Авард Промотион ДООЕЛ Скопје.
Овие средства се дел од 12,5 милиони евра, кои годинава Министерството за култура ги обезбеди за финансирање на проекти од национален интерес во културата од музиката и музичко-сценската дејност.
За ,,Фокус” музичарот вели дека сумата која му била одобрена од министерството не е достоинствена и била доволна за да се сними само една песна. Затоа, појаснува, решил да сними голем број од неговите песни во соседна Србија.
-Смешно е да се коментира за сума од илјада евра доделена за снимање на цел албум! Само една песна изнесува толку, ако не и повеќе. Ме има на списокот на министерството, колку да се каже дека ме има!
Ако ова е начин да се придонесе за нашата култура и за проекти кои се од голема важност, ќе кажам само дека начинот е сосема погрешен! Се оди на уништување на се што е вредно во уметноста и културата во Македонија!
Се доделуваат средства на уметници од други земји, конкретно Петар Грашо, што дури и од прва не ми се веруваше дека е вистина, додека нашите луѓе, кои тука со децении творат и оставаат културно богатство, се потценуваат – вели Петрески за Фокус каде во целост може да се проследи неговото интервју