Трагедија: Почина познатиот руски ракометар кој играше за македонскиот клуб.
Во македонската лига изминатите години продефилирале бројни странски ракометари, меѓу кои имало и во моментов има руски интернационалци.
За жал ни пристигна информација дека по подолго и тешко боледување на само 40-годишна возраст починал еден од нив.
Станува збор за рускиот десен бек Алексеј Григорјев, а информацијата ја пренесе „Брз Центар“.Тој е поранешен ракометар на Бутел Скопје, каде што играше во сезоната 2018/19, која беше дебитантска за бутелци во Супер лигата.
Григорјев потекнува од школата на Динамо Астрахан, а во Русија освен за Динамо настапуваше и за Нева Санкт Петербург.Надвор од татковината освен за Бутел Скопје играше за унгарскиот Балатонфуреди, белорускиот Мешков Брест, украинскиот Мотор Запорожје.
По завршувањето на спортската кариера пред три сезони Григорјев живееше во Брест и се занимаваше со приватен бизнис и немаше конекции со ракометот.
За потсетвање Бутел во изминатите неколку години поради смрт загуби неколку свои ракометари. Прво тоа беше младото 20- годишно крило Марко Божиновски кое почина во сон, а потоа и хрватскиот централен бек Денис Тот кој беше претепан во Градски парк, а потоа им подлегна на повредите во болница.