Бујар Османи за потегот на Македонците од Канада: Се ми беше јасно кога дознав

Утрово, министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше брифинг со новинарите во Скопје, а најмногу се задржа на отворањето на клубот на македонската заедница во Благоевград в недела.

Османи смета дека како што отворањето на клубовите во Охрид и Битола, така и отворањето на клубот во Благоевград не е во функција на добрососедските односи меѓу двете држави.

Тој додаде дека ова негово мислење, било поткрепено и со податокот, кој го финансира клубот во Благоевград и дека тој факт го доведува до заклучок дека тој процес не може да биде во функција на промовирање на македонската заедница, на интересите на граѓаните Македонци таму, на односите меѓу двете држави, на добрососедството.

„Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата.

Кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интереси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји.

Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера“, рече Османи.