Германија ги засилува граничните контроли при влез во државата – познато и зошто
Германија ќе воведе гранични контроли за поефикасна борба против шверцот на луѓе, најави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер најавува воведување стационарни гранични контроли како уште еден инструмент во борбата против шверцот на луѓе. „Прво ќе подготвиме стационалрни гранични контроли. Станува збор за дополнителни контроли. Мора да видиме што ќе донесе тоа“, изјави Фезер денеска (26.09) за Дојчландфунк.
Министерката наведе дека „во моментов секое четврто или петто лице доаѓа во земјата преку криумчарење“. Фезер потенцира дека мерките ќе бидат најефикасни ако се спроведуваат во соработка со соседните земји. Откако Чешка веќе се изјасни за засилена контрола заедно со германската сојузна полиција, сега тоа се планира и со Полска.
Сепак, министерката потенцира и дека ваквите контроли не се доволни за сузбивање на шверцот со луѓе. „Ефикасни и растоварувачки за општините на долг рок се само европски решенија, значи гранични контроли на надворешната граница (границата на ЕУ, н.з.), а не на внатрешните граници“, рече Фезер.
Во моментов привремени стационарни гранични контроли има во покраината Баварија, на границата со Австрија. Тие се поставени во есента 2015 годинаи од страна на Министерството за внатрешни работи на Германија се пријавуваат кај Европската комисија и постојано се продолжуваат.
Полицискиот синдикат (ГдП) се изјасни против стационарни гранични контроли како средство за борба против илегалната миграција. Во полициската работа, ова се смета за „неефикасно“, изјави Ерика Краузе-Шене од ГдП за весникот „Рајнише пост“.