Министерот за здравство си продолжува по свое: За директор на скопска Неврологија донесе доктор од Тетово
Министерот за здравство Фатмир Меџити си продолжува по свое и менува директори на значајни клиники и болници.
Откако малку се смири бурата околу разрешувањето на Сашко Јовев од директорското место на клиниката за кардиохирургија, сега се појави уште едно помалку нелогично решение.
Пред повеќе од еден месец, без никаква информација во јавноста помина разрешувањето на доктор Иван Барбов од скопската Клиника за неврологија, со која управуваше речиси шест години
Досегашниот директор, како и другите се разрешени без никаква официјална информација од ресорното министерство, што досега беше редовна пракса. Поточно, кога има било какво разрешување или назначување на нов директор, од МЗ праќаат официјален допис до сите медиуми, што сега не се случи.
Поголемиот дел од јавноста не знае дека со Клиниката за неврологија сега управува Висар Мифтари, кој на директорското столче доаѓа директно од тетовската Клиничка болница, без ден работно искуство на Неврологија, со која раководи во моментот.