Поскапеа и пастрмалиите – познато колку пари ќе чинат на Штипската пастрмалијада

Минатата година цената на пастрамајлијата на Штипската пастрмалијада чинеше 190 денар, но сега ќе биде со нова цена, поскапа.

Угостителите и организацискиот тим од Општина Штип одржаа координативен состанок, на кој беше потврдено дека подготовката ќе биде по универзалниот стандард, односно, 250 грама тесто и 150 грама месо. Годинава нема да има ексклузивен спонзор, туку покровител е градоначалникот.

Пастрмалиите на Штипската пастрмалијада годинава ќе се продаваат по цена од 200 денари.

„Денеска се одржа информативен состанок со угостителите коишто пројавија желба и интерес да учествуваат на овогодинешната „Пастрмалијада“ во Штип. Задоволни сме од интересот.

На овој состанок беа утврдени неколку технички и организациони работи коишто ни претстојат да ги сработиме пред почетокот на манифестацијата. Утврдена е цена на пастрмалиите од 200 денари. Немаме ексклузивен спонзор, односно покровител на манифестацијата е Градоначалникот на Општина Штип“, истакна Александар Арсовски, член на организацискиот тим.

Пастрмалиите ќе се продаваат на вкупно 29 штанда кои ќе бидат понудени за угостителите. Пријавите се поднесуваат до среда, а во четврток изборот ќе биде по минатогодишниот принцип „прв дојден, прв услужен“.

„Договорен е краен рок за поднесување на пријавите, тоа е во среда, до 15:30 часот, во општинската Архива, а во четврток, во 14:00 часот угостителите ќе ги бираат своите штандови на принципот „прв дојден, прв услужен““, додава Арсовски.

Манифестацијата „Штипска пастрмалијада“ годинава ќе се одржи на 22. и 23 септември, на добропознатата локација, а програмата за двете вечери веќе е објавена од страна на организаторот, кој е Општина Штип.