Аеродромот во Скопје се здоби со големо признание кое може да ги радува и тоа како патниците
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, синоќа, 14-ти септември 2022 година, на свечена церемонија во рамки на Самитот за искуство на патниците, организиран од Меѓународниот Совет на Аеродроми, во Краков, Полска, ја прими ASQ-наградата за квалитет на аеродромски услуги за Меѓународниот Аеродром Скопје, за 2021 година.
ТАВ Македонија ја добива оваа награда за Меѓународниот Аеродром Скопје во категоријата: “Најдобар аеродром во регионот Европа со 2 до 5 милиони патници годишно” по 7-ми пат, откако претходно ја доби за 2020, 2019, 2018, 2015, 2013 и 2012 година.
Покрај категоријата “Најдобар аеродром од 2 до 5 милиони патници во регионот Европа”, Меѓународниот Совет на Аеродроми го награди Меѓународниот Аеродром Скопје со уште едно признание за 2021 година – “Најдобри хигиенски мерки во регионот Европа”.
„Почестен сум и горд што ја примив наградата “Најдобар аеродром од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот Европа” за Меѓународниот Аеродром Скопје за 2021 година, како и наградата за “Најдобри хигиенски мерки во регионот Европа”, овде во Краков, на Глобалниот самит за искуство на патниците.
Со тоа што учествуваат во анкетата за квалитет на аеродромските услуги и со тоа што ги оценуваат услугите на скопскиот аеродром, нашите патници практично ја потврдија напорната работа и посветеноста на ТАВ Македонија за подобрување на нивното задоволство како клиенти.
И покрај тоа што 2021 година беше година кога сè уште силно се соочувавме со ефектите од глобалната пандемија, ТАВ Македонија заедно со сестринските компании – BTA (храна и пијалаци), ATU (бесцарински продавници), TAV MOS (Комерцијални услуги), TAV Technologies (ИТ услуги), Euroclean (Услуги за одржување хигиена), заеднички вложија натчовечки напори за да обезбедат додадена вредност на патничкото искуство на скопскиот аеродром.
ТАВ ќе продолжи да ги следи трендовите во индустријата и да ги исполнува очекувањата на патниците, бидејќи задоволството на клиентите е една од нашите главни цели“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Како учесник во Програмата на Меѓународниот совет на аеродроми за истражување на мислењата на патниците за квалитетот на аеродромските услуги, Меѓународниот Аеродром Скопје се натпреварува со аеродроми во својата големина –
од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа, со што во 2021 година, овој панел за истражување на ACI, се состоеше од вкупно 11 аеродроми: Аеродромот Мадеира, Аеродромот Краснојарск, Аеродромот Менорка, Аеродромот Сантијаго, Меѓународниот Аеродром Скопје, Аеродромот Сола, Аеродромот Тбилиси, Аеродромот Талин, Аеродромот Ваернес, Аеродромот Торино и Аеродромот Загреб.
Дополнително, скопскиот аеродром може да ги споредува своите резултати со вкупно 253 аеродроми во светот кои беа учесници во ASQ-програмата во 2021 година, поделени во 6 региони: Европа, Африка, Блиски Исток, Северна Америка, Азија-Пацифик и Латинска Америка-Кариби.
„Горди сме на Меѓународниот Аеродром Скопје за добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги во категоријата од 2 до 5 милиони патници годишно во регионот на Европа – како дел од светски познатата програма за квалитет на аеродромски услуги на ACI.
Како долгогодишен учесник во програмата, тие ја имаат покажано својата посветеност кон пристапот насочен кон клиентите, што се докажува со овие одлични резултати. Ѝ честитаме на нивната целокупна аеродромска заедница за ова достигнување.
Ставањето на патникот на прво место е она што ACI ќе продолжи да го унапредува како што колективно напредуваме како индустрија.“, изјави Луис Фелипе де Оливеира, Генерален директор на ACI World.
Иницијативата на ACI за квалитет на аеродромските услуги е единствената глобална програма за мерење на задоволството на патниците додека тие се на аеродромите.
Имплементирана е на близу 400 аеродроми во светот и обезбедува длабинска проценка на искуствата на патниците од аеродромските услуги. Добиената база на податоци овозможува сеопфатна анализа на услугите на секој аеродром којшто учествува.
Добитниците на ASQ-наградата во светот се препознаени како најдобри аеродроми од аспект на обезбедување квалитет во патничкото искуство.
Во 2020 година, ACI, во анкетата за патници додаде нови прашања поврзани со здравјето и хигиената, кои им овозможуваат на аеродромите подобро да ги разберат реакциите на патниците кон здравствените мерки поврзани со КОВИД-19.
Соодветната категорија на награди “Најдобри хигиенски мерки” ги препознава аеродромите кои во очите на патниците успешно се справиле со овој предизвик.
Од податоците собрани во 2021 година од над 370.000 анкети, 88 аеродроми во светот освоија 111 награди. ACI има две категории на награди – “Најдобри аеродроми според број на патници годишно по региони”, во која награди добија 65 аеродроми и “Најдобри хигиенски мерки по региони” во која има 46 добитници.
ТАВ Македонија ги заокружи првите 8 месеци од 2022 година со вкупно 1,5 (1.549.440) милиони патници кои патувале преку двата аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова претставува -13% споредено со истиот период во 2019, година којашто се смета за референтна во авијацијата, пред почетокот на пандемијата со КОВИД-19.
Авиосообраќајот на македонските аеродроми сепак закрепнува и споредено со првите 8 месеци од 2021 година, бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром е зголемен за 83%.