Велика од Кичево: Мора да питачам за да имаме да се прехраниме со синот
Велика е тажна, напатена и многу несреќна жена. Живее во Кичево во неодржувана куќа, а секојдневието го минува на улицата блиску до домот, со подадена рака молејќи да дојде до денар за да купи леб за неа и синот. Синот Радован ќе каже Велика, го добила после долги години брак, но, уште од мало детето било болежливо и постојано лежело по болници, а, подоцна таа слабост ќе му се одрази и врз работоспособноста.
Радован иако сака тешка физичка работа поради кршливите коски ислабиот имунитет не може да работи. Сепак тогаш и живееле некаков живот. Пред 13 години нејзиниот сопруг, таткото на Радован, одлучува во дворот на куќата да си го одземе животот со бесење на едно дрво, па на Велика и Радован и започнува најголемата мака. Заглавени во голем кредит започнуваат да живеат без денар во денот и месецот. Пензијата од сопругот оди за рата за кредитот за да не ја изгубат куќата бидејќи таа е ставена под хипотека- низ солзи кажува таасо .
Нема друг избор освен секое утро да излезе на улица и да бара преку питачење милостина од народот. Немањето приход е причина поради која куќата со години е неодржувана, ладна и без струја е само моментално прибежиште за да измрзнат во студените зимски денови. Сепак, можеби полесна работа за Раде, и помош со кој би го исплатиле долгот, ќе направат и кај ова семејство да изгрее сонцето и да кажат дека им е топло на душата.
Велика потекнува од Лешница. Имала солидно детство и никогаш не помислувала дека ќе дојде до степен да треба да питачи за да преживее. На свои 30 години се запознава со Ванчо од Кичево со кој се до неговата смрт ќе има добар брак-ќе каже таа. Долги години не можела да има деца, па после една деценија го добива Радован, целата нејзина радост. За жал, Раде ќе биде нежно и болежливо дете. Прво ќе има чести воспаленија на ушињата, а после многу примени инекции стекнува болест на коските, па во средно училиште ќе има и неколку операции на нозете. Тоа ќе се одрази врз неговиот живот во иднина, а и врз иднината на семејството. Таткото како единствено вработен, подигнал кредит и ја заложил куќата, па еден ден додека Велика лежела болна, а Раде не ни помислувал на такво нешто тој ќе си го одземе животот во дворот од куќата. Со тоа тој ги остава на цедило тетка Велика и Раде, без никакви финансии и принудени само на питачење.
-Солидно живеевме како млади во куќата на родителите. Добро беше и додека го растевме Раде со сопругот, иако многу доцна го добивме и беше многу болежливо дете. Првите години постојано одевме во болници поради неговото нежно здравје, а подоцна кога беше средно училиште му правеа неколку операции што и сега влијаат врз неговиот живот. И, тогаш кога барав помош ми викаа: „Не ти е детето иналид за да ти дадеме помош„. Па, зарем треба во количка да биде за да ми помогнете?-низ солзи кажува тетка Велика.
Последниве 13 години животот ми е пеколен. Сопругот се обеси во дворот од куќата. Не знаеме зошто и не знаеме дека подигнал кредит и ја заложил куќата. Затоа се откажав од пензијата негова и реков ќе ја спасам куќата за Раде да не остане на улица и целата пензија од 7000 денари нека оди за подмирување на долгот. Затоа и почнав да питачам –додава оваа тажна жена.
-Јас го носев татко ми од бесилката до улицата каде беше Брзата помош. Не знам зашто го стои тоа, само слушнав како мама врисна и јас истрчав од соба. Веќе беше мртов. И, веќе ни започна голготата. Тато ја заложил куќата и останавме без пари. Јас порано работев, и сеуште ако некој ме викне приватно работам, но не ми даваат шанса сите. Зборуваат дека сум имал лоши навики, дека ја малтретирам мајка ми. Тоа не е точно. Затоа и немам другари. Зашто кога бевме финансиски подобри имавме и пријатели. Сега никој не сака да не дружи и помогне. А, куќата нема струја со години. Сите соби почнаа да течат. Не знам како ќе се живее вака. Веќе сум во години и сакам и сеmејство да имам, ама како кажете ми да го сменам животот кога никој не ми дава шанса- вели Радован, синот на баба Велика.
Баба Велика ќе каже дека последниве години животот и е многу тежок. Секој ден било да е ладно и топло таа мора да излезе на улица и да ја испружи раката. Понекогаш малку, понекогаш доволно за да не останат гладни, таа барем мирно заспива знаејќи дека синот кој толку го посакувала не и е гладен. Долго време живеат и без струја. Куќата е веќе прокисната и целата за реновирање. Топол оброк и топлина ретко чувствуваат. Но, оваа челична мајка ќе каже:
„Можат да зборат што сакаат за моето чедо, јас знам како сум го родила и пораснала, и нема да се смирам додека не го отплатам долгот и да знам дека е на сигурно. Па, ако даде господ сакам да се ожени и да биде среќен човек. Тогаш и да умрам нема да жалам- завршува таа за Срцен на Дланка.
-Многу ни е тешко. Раде не може да се вработи. Сите зборуваат лошо за него, а не е така. Тој не ме тера да питачам и не ме малтретира како што збори народот. Само не му е дадена шанса за да живее убаво. Јас заради него излегувам и на топло и на ладно. За да има да јаде и пие. Тој ми е дете кое многу тешко го добив и исчував. Сакам само да ја ослободам куќата од долгот, Раде да се вработи и ожени. Моето веќе завршило. За него живеам-вели тетка Велика.
Кога ќе престанете да играте онака како што сакаат луѓето можеби ќе станете најлошата личност на светот.Сепак, бранете го својот став, И, чувајте си ги чувствата за оние кои ве сакаат такви какви што сте. Со сите мани и недостатоци. Чувајте ги и оние кои се со вас и во вашата најдобра и најлоша верзија. Зашто само со такви луѓе може да испливате од сите животни проблеми.
Доколку сакате да и помогнете на тетка Велика тоа можете да го сторите лично на нејзиниот телефонски број 077734393.