Конечно надлежните се огласија за случајот на самохраниот дедо Слобода и внуката Ана – еве што ќе следи
Приказната на малата Ана и нејзиниот дедо, Слободан Маџовски која ја емитуваше Телевизија 24 конечно доби свој епилог – допре до институциите. ТВ 24 побара став од дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска откако претходно од кабинетот на технички министер, Ѓоко Велковски ни беше кажано дека немаат надлежност да постапуваат.
Тренчевска, откако стапивме во контакт ни кажа дека во врска со случајот за самохраниот дедо Слободан Маџовски и неговата внука Ана, нејзиниот тим стапи во контакт и темелно ја разгледа ситуацијата.
По разговор со дедото Маџовски утврдиле дека може веднаш да се започне постапка за остварување на права и услуги од социјалната заштита. Тренчевска рече и дека ќе направи се за малата Ана.
„За мене пред се е детската заштита и обезбедување на безбедна и здрава средина за Ана, затоа го предложивме роднинското згрижување како форма на заштита на детето. Воедно ќе биде дадена и материјална поддршка на семејството. Веќе е договорен увидот во домот и веднаш потоа ќе започне постапката.
Како министерка секогаш се водев по тоа директно да помагам на граѓаните, затоа и особено ја ценам соработката со медиумите. Тие се нашите теренски дописници кои ги познаваат предизвиците на граѓаните! Јас лично ќе направам се малата Ана да продолжи да ги ужива непречено своите детски денови!“- вели дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на ТВ21.