По луѓето, сега и компаниите сакат да се селат од Македонија: Една од нашите најголеми компании во месната индустрија најави таква можност
Менаџментот на МИК Свети Николе, еден од најголемите преработувачи на месо и производител на месни производи сериозно размислува да се сели во странство.
Ова на прес конференција во Стопанската комора за состојбите во месната индустрија во земјава, го најави Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за производство на месо и преработки од месо при комората и извршен директор на Месна индустрија и кланица доо – Свети Николе. Главни забелешки се третманот на домашните компании од оваа индустрија во однос на увозниците, како и недоволната поддршка од државата.
„Зборувам од името на мојата компанија – МИК Свети Николе, после 65 години постоење сериозно и долгорочно целиот менаџмент размислува да се пресели целото производство во соседството, каде што ќе имаме многу подобри услови и многу подобар третман. И каде што во еден момент и ние ќе станеме странска компанија која што ќе продава и ќе извезува на нашиот пазар“, рече Трајчев.
Причините за ова денес беа изнесени во Стопанската комора каде претставници на оваа индустрија одржаа прес конференција.
За да не се случи најлошото за македонската економија, а особено за месо преработувачите тие апелираат.
Измените кој овој сектор ги бара неколку пати до сега беа продолжувани што не беше случај и со последното барање поради што компаниите се соочуваат со нелојална конкуренција која доаѓа со увозот на готови месни и сувомесни производи.
Васко Ристовски, од Дирекцијата на здруженија и регионални комори при Стопанска комора на Северна Македонија, рече дека претставниците на месната индустрија веќе подолго укажуваа дека со важечките царински давачки, оваа индустрија беше ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сѐ оние од соседството, но и од ЕУ.
„Готовите производи од надвор влегуваат во земјата со нула отсто царина, додека домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаат царина во висина од 20 до 35 отсто. Ова уште повеќе стана нагласено со функционирањето на Отворен Балкан. Во такви услови, ќе дојде до затворање на домашните капацитети или евентуално селење на производството во соседството.
Доколку сакаме да опстане домашната месна индустрија, потребно е ослободување од царинските давачки по примерот на други преработувачки индустрии кои користат увозни суровини наведени во Сл.весник бр.39 од 2022 година“, рече Ристовски.