Реџеп од Слупчане: ЕВН не саботира, имаме докази и слика, кабелот го исекле на две места само да направат штета
Слупчане и денес е актуелна тема по бурната ноќ на жителите кои остана без струја па решија да протестираат:
-Екипи на Електродистрибуција влегоа во Слупчане откако ЕВН доби гаранции од министерот за економија, Крешник Бектеши дека мештаните нема да ја попречуваат нивната работа. Тие почнуваат и нов проект за реконструкција на мрежата, но и за поставување на нови мерни станици за точно мерење на трошењето на електрична енергија.
ЕВН вели дека жители на Слупчане искршиле катанци и насилно влегле во енергетски објект и на тој начин го оставиле селото, но и Оризаре, Ваксинце и Лојане без струја.
-Во вчерашните доцни часови лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект во припадност на Електродистрибуција во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото. По ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја. Вакви манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни и може да имаат трагичен крај со смртни последици, велат од ЕВН.
Жителите демантираат. Велат дека немало никаков упад во трафостаницата на ЕВН.
-Ниту ние имаме право да влегуваме таму, ниту може некој да влегува таму. Тоа е еден трик од ЕВН што го прави. Ние не сме против законот. Ние сме дел од од оваа држава, ние сме за закон, ние сите плаќаме такси и се што треба, вели Зекирија Шаини, претседател на општински Совет во Липково.
Добиле информација дека станува збор за дефект, но обвинуваат дека ЕВН ги саботира.
-Овој дефект не е дефект, туку е намерно направен. Сега имаме доказ, имаме слики дека од ЕВН на две места ги исекле каблите само за да направат штета намерно. Од ЕВН, не може друг да влезе внатре, вели Реџеп Кадрија, жител на Слупчане.
Мештаните тврдат, сакаат да ги плаќаат сметките но тие биле многу високи.
-30 или 40% имаат платено и струја. Поголем број на граѓани што не плаќаат струја се тие што примаат социјална помош. Зошто со една социјална помош од 6.000 денари да ти дојде сметка 20.000 – 18.000 денари, никој не може да го плати тоа. Ние живееме во Македонија, не живееме во Германија, вели Зекирија Шаини.
-Ние не сме дивјаци како што не сметаат. Ние сме луѓе, цивилизирани луѓе, поштени луѓе кои ќе седнеме, ќе разговараме и понатаму со било кој, со ЕВН, со Влада само треба да се исполнат условите на жителите. А, не овде да се плаќа по 7.000, а на другиот крај по 1.000 денари, вели Кадрија за ТВ Сител.