Четврта година по ред нема поп за Велигден во црквата – селаните на ова македонско село го крена гласот
Четврта година по ред верниците од село Долни Балван се приморани најголемиот христијански празник Велигден да го дочекаат во околните цркви, бидејќи во нивната црква не доѓа свештеник.
Пред камерите на М-Нет телевизија велат дека имаа црква која е стара со децении и претходно имало свештеници, но сега четврта година по ред на Велигден се оставени сами. Пријавиле и во брегалничката епархија ама и од таму на виделина не добиле решение.
„Станува збор, веќе четврта година по ред за Велигден поп не доаѓа во селото. Побаравме мислење од епархијата ни кажаа дека моментално не можат поп да ни испратат. Четири години по ред е истиот проблем откако се отвори црквата во Балканска, немаат попови.
Претходно секоја година доаѓаа попови, ние наште адети ги направивме, ја отворивме црквата и сега поп нема.“ – вели Стоилевски.
Подготвени се сами да платат свештеник само тој да се појави во црквата, велат жителите. Додаваат дека народ во селото има, и не сакаат најголемиот христијански празник да го дочекаат во црквите во градот или околните населени места.
„Они доаѓаат на други денови, на Велигден не. Ако треба ние сами ќе го платиме попот само нека дојде на тој ден. На славата на селото поп доаѓа, ама доаѓа кога ни е потребен и важен него го нема“ – додава Илов.
За вака настаната ситуација прашавме и во брегалнчката епархија. Од таму во телефонски разговор за М-Нет телевизија посточија дека свештеникот не може да пристигне во сите села и цркви во исто време на Велигден.
Посочуваат дека за празникот има изготвено распоред и верниците се информирани каде и кога ќе има свештеник. Дополнително велат дека има еден свештеник на оваа парохија која ноќта на Велигден е во Карбинци и практично таму се чека христовото воскресение.