Пристигнаа првите работници од Индија во овој македонски град: Познато каде се вработија
Процесот на увоз на работна сила освен во градежништвото, почна и во другите сектори. Шест работници од Индија со посредништво на српска агенција, веќе работат во Свети Николе.
Како ниско квалификувани работници, се ангажирани во компанија од млечната индустрија и на фарма. Заминувањето на младата работна рака надвор од државата, силно ја погоди македонската економија. Покривање на недостатокот, македонските компании се повеќе го гледат во увоз на работници од странство. Во меѓувреме и домашни агенции се подготвуваат да посредуват за работници од Непал и Индија.
„Тоа ќе биде спас за нашите компании и за нашата економија, затоа што во вакви услови кога младите заминуваат надвор е единствен начин да ја задржиме домашната економија и фондовити.
Значи сегашните луѓе кои работат да дочекаат пензија и млади луѓе од надвор кои ќе ги полнат нашите фондови. Во суштина тоа го прават сите европски држави и треба да го правиме и ние„ изјави Ангел Димитров, Организација на работодавачи.
Недостатокот од работници најмногу се чувствува во трудоинтензивните гранки, а увозот од странство нуди работници за ниско квалификувана структура. Ова може да доведе до зголемување на конкуренцијата, но и до стагнација на платите, сметаат економистите
„Се работи за трудоинтензивни гранки, за ниско квалификувана структура на вработени. Мора да бидеме свесни дека поквалификуваните, постручните кадри од страна, не се задржуваат овде кај нас.
Свесни сме дека и нашите вработени, ВКВ кадри, бараат шанса и простор да се докажат во странство во поразвиентите држави од Европа„ објаснува економистот Глигор Ивановски за Алфа Тв.
Во моментот најголем недостаток од работници има во текстилниот сектор. Во градежништвото овој недостаток се покрива со работници од Турција и Пакистан.