Новак Ѓоковиќ конечно се чини ќе дојде во Македонија – најавено каде и кога
Новак Ѓоковиќ, еден од најдобрите светски спортисти во моментов би можело она што го вети и да го реализира, а тоа е да дојде во Македонија.
За потсетување тој неодамна во една прилика изјави: – Се надевам дека многу скоро ќе ја посетам Македонија, и тоа ми е во план. Не знам дали тоа ќе биде сега одма, во наредните недели, но во план ми е дефинитивно.
Би ги поздравил моите драги браќа и сестри од Македонија. Имам неколку пријатели од Скопје, кои постојано ми праќаат фотографии од Скопје и од Охрид и ми праќаат поддршка.
Пред две години зборував и со Претседателот на Македонија да го одиграме Адриа Тур и во Македонија, но, за жал, поради кор оната сè се заврши како се заврши. Но тоа не значи дека нема да се игра во иднина и во Македонија. Би сакал да играм во Скопје.
Сум бил во Македонија како многу малечок, одамна не сум бил и би сакал да одиграм партија тенис со новата надеж на македонскиот тенис Калин Ивановски. Калин е одличен, го гледам, го следам. Високо момче, добро момче, има одлична игра.
Се чини дека тој момент може да се случи многу наскоро. Имено спортско радио во Македонија, Спортското радио 90.3 ФМ следниот викенд (7-9 октомври) во Скопје ќе ја собере балканската фудбалска елита како дел од големиот јубилеј – триесет години „Турнир во мал фудбал на медиумите од Македонија“.
Турнирот и оваа година ќе биде несекојдневен спортско-забавен настан со учество на некогашните ведети на фудбалската сцена во поранешна Југославија меѓу кои и репрезентациите на Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија. Во секоја од селекциите ќе бидат дел од некогашните големи имиња на екс-ју фудбалот, „засилени“ со по некоја естрадна ѕвезда од регионот.
Деновиве траат завршните подготовки и во репрезентацијата на Србија, каде покрај Клинчарски, Саво Милошевиќ и останатите легенди на српскиот фудбал, меѓу ѕвездите на тимот е најавена и големата тениска ѕвезда, Новак Ѓоковиќ.
Некогашниот светски рекет број еден најавил дека сака да биде дел од тимот на Србија во Скопје, но, сепак, прво треба да ги усогласи своите обврски со настапите на тениските турнири.
Од Спортското радио 90.3 ФМ велат дека во текот на следната недела останува да се почека неговата дефинитивна одлука дали за првпат ќе пристигне во Македонија и ќе биде дел од настанот со кој Спортското радио 90.3 фм ќе го одбележи овој јубилеј – 30 години „Турнир на медиумите во мал фудбал“.