Скандал во најава: Пуштени во промет пијалоци со „Република Горна Македонија“
Произведено за „Република Горна Македонија“ – вака стои на декларацијата на безакохолен производ кој може да се најде во штипските маркети и бензински станици, но и во останатите низ државата. Пијалокот е произведен во Република Италија, на декларацијата стои и адреса во скопски Карпош, таа адреса, според истата декларација, се наоѓа во Република Горна Македонија. Како безалкохолниот пијалок е произведен за непостоечка држава и кој дозволил пијалокот да се најде во земјава со ваква декларација?
Според Законот за заштита на потрошувачите еден од податоците кои мора да ги содржи декларацијата е фирма и седиште на производителот, односно трговецот, доколку има своја трговска марка за производот, и се претставува како производител, а за увозните производи и фирма и седиште (полна адреса) на увозникот, како и земјатана потекло.
Во Законот стои и дека сите податоци од декларацијата мора да бидат вистинити, јасно видливи и читливи, напишани на македонски јазик и кирилско писмо, што не ја исклучува можноста истовремено употреба и на другите јазици и знаци лесно разбирливи за потрошувачот. За податоците од декларацијата за увозните производи одговорен е увозникот, се вели во Законот за заштита на потрошувачите.
И во Правилникот за начинот на означување според кој се води АХВ, а кој е во согласност со Законот за безбедност на храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната и е донесен од Министерството за здравство, стои нешто слично.
Основен податок при означувањето е име или деловното име на адресата на производителот или на субјектот кој го пакува или кој го продава производот. За увезените производи се назначува и адреса на увозникот, земјата на потекло и земја од која производот е увезен, пренесува Мнет Тв.