Никола Груевски вечерва се огласи со јавен повик до обвинителството
Прилично тивко и во сенка на други настани помина веста деновиве дека после пет и половина години апелацискиот суд во Скопје утврдил дека врз база на лажни полициски искази, Јане Ченто бил однесен од куќен во затворски притвор.
Веста помина како вест од типот “невреме во некое село однесе кров од штала”. За еден од најголемите судски процеси во Македонија од независноста до денес, соопштението помина слично како објавата за апсење при измислен обид за бегство на 4 квадратни сантиметри во весникот Нова Македонија на 31 јули 1946 година, со информација дека лицето М.А.Ченто е фатен на границата со Грција каде сакал да пребега (подолу фотографија од истото).И потоа молк, заговор и конспирација! Молк цели 45 години.
За мене таа лажна изјава на основа на која Јане Ченто е однесен во ефективен притвор не е изненадување, но одлуката на апелацискиот суд во Скопје е нов и многу значаен момент, бидејќи е судска верификација на институционален државен прогон.
Вака може секого кој е за нешто оправдано или неоправдано осомничен да го притворат. Ако полицијата лаже и потпишува лажни изјави, тоа значи дека како што тоа го направиле врз Јане Ченто, можат да го направат врз кого сакаат, а можеби го правеле и во минатото.
Вакво слично нешто имаше и со друга лажна службена белешка, за други лица во последните шест години. На пример Митко Чавков каде образложението во решението за притвор беше содржина на Службена белешка од МВР. И во решението за притвор пишуваше дека се подготвувал за бекство во Грција каде што на Халкидики имал вила.
Потоа во неговата жалба тој обезбедил ДОКАЗИ преку адвокат и катастар во Грција дека ниту тој, нити член од неговото семејство немал имот во Грција, но попусто. Тој помина долго време во притвор пред да биде неправедно и од политички мотиви осуден и нема никаква процедура и казна за тој кој ја напишал службената белешка, односно и многу поважно на оној кој му дал таква наредба. А тоа сигурно не е било кој.
Јавно го повикувам обвинителството итно да се отвори темелна истрага за ова и да се откријат и изнесат на суд не само извршителите-полицајци, туку и сите нарачатели.
Зошто би лажел за Јане Ченто неко обичен полицаец во Прилеп? Нема логика. Многу веројатно е дека затоа што некој хиреархиски повисок му дал неформална наредба за тоа. И не случајно полицаецот е осуден само условно. Тоа е затоа што молчи. Некој многу посилен му помогнал, за да си помогне себе. Тоа не ја оправдува постапката на полицаецот бидејки извршил кривично дело, но ако се спроведе чесна и професионална постапка неминовно за мошне кратко време ќе се утврди вертикалата на усната неформална инструкција и сите инволвирани во неа. Истото и за Митко Чавков.
Само така полицијата и МВР може да го задржи оној каков-таков кредибилитет кој го има, а обвинителство и судот да не ги загубат и оние 2% доверба.Ова е сериозна одговорност и предизвик на јавното обвинителство. Дали ќе молчат и штитат некој моќници заради сторена злоупотреба или ќе постапат чесно и професионално. Еве им шанса да си го поправат угледот и рејтингот.
Меѓународните предсавници во Македонија кои финасираа толку многу пари во безбедносните и правосудните системи, имаат добра можност и прилика да побараат разврска на овие случаи и откривање и казнување не само на сторителите, туку и на нарачателите, чија постапка е директно спротивна на функционирањето на секоја нормална демократска држава.Вакви настани имало во земјите со комунистички недемократкси режим.
На пример, за иронијата на судбината да биде поголема, добро ни е познато од историјата, а тоа веќе и го начнав погоре, дека првиот претседател на президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто, чии потомок е Јане Ченто кога го уапсиле, го направиле на ист начин, за што има живи сведоци кои сведочеа во документарниот филм за него.
Се сеќавам дека во годините кога ја водев владата на Македонија, по судски пат и постапка се изврши рехабилитација на М.А.Ченто, судот посмртно ја обнови постапката, ги провери фактите, ги преиначи одлуките, го ослободи од обвиненијата и на неговите деца им исплати парична оштета. Секако нема пари што ќе ја надоместат штетата кои тие ја претрпеле со политичкиот прогон на нивниот татко, но сепак направен е чекор кој значи признавање вина на државата и симболична компензација, бидејќи парите може да се само симболика за загубените години без татко и стравот и траумите во кој израснале.
Така еден ден ќе биде за многу вакви случаи од денешно време, но да не чекаме тоа да биде посмртно за нешто за што веќе апелацискиот суд утврдил и одлучил.Методија Андонов-Ченто го земале од дома, а со лажна изјава во судот и во јавноста соопштиле дека го фатиле на граница со Грција во обид за бегство во Грција, иако тој немал забрана да патува во странство.
Истиот удбашки метод е направен и со петте струмички студенти, на чии терет е ставено дека се обиделе да пребегнат во Грција и убиени се на границата. Тие всушност биле уапсени од дома и однесени во полицијата, каде по сослушувањето на политичкиот комесар во Струмица Мара Минанова која години подоцна се самоубила, инаку блиска до Колишевски и другите во политичкиот врв на тогашната социјалистичка република Макеоднија и по нејзина одлука однесени на планината кад е наводно биле уапсени, за таму да бидат стрелани со цел да се прикаже дека навистина ги фатиле при обид за бегство. За ова снимен е и игран филм во Македонија кој финасиски го подржа владата која ја предводев, наречен “Златна петорка”:
https://youtu.be/B9gO2Tpx2hk?feature=shared Во случајот на Методија Андонов – Ченто во судницата донеле десетици луѓе кои вршеле притисок на судот скандирајки “смрт, сакаме смрт” (подолу линк од исказот на очевидци). Денес не постои смртна пресуда во Законот во Македонија како можност, но знаеме како инструираните, а дел и под закана медиуми од власта во тоа време пред околу пет-шест, години создадоа атмосфера на линч на секој кој беше осомничен или обвинет од обвинителството зад кое стоеше власта на Зоран Заев, до тој степен што судиите ниту помислуваа да пресудат поинаку од општо создадените очекувања на јавноста, креирано од власта и судеа како што власта очекуваше и посакуваше. Со други зборови, немаше елементарни услови за фер судење.
Што е различно меѓу методите за смислување лажна причина за притворање на првиот претседател на президиумот на АСНОМ и неговиот наследник Јане Ченто, или Митко Чавков или било кој друг од многуте врз кои полицијата или државната безбедност сеуште користи комунистички удбашки методи? Апсолутно ништо!
Во сите случаи имаме лажно сведочење на полицијата, преставници на државен орган, речиси сигурно по нечија неформална инструкција и политичка конструкција, односно политички мотивиран прогон.За тогаш знаеме дека и официјално немало демократија. Од врмето на Заев официјално демократија има, но всушност реално нема висинска демократија и веќе со судски докази и пресуди гледаме какви монтирани процеси правеле наводно најсниските по чин полицајци или инспектори по нечија наредба, чија вертикала мора да се утврди ако сакаме да бидеме нормална држава, и порано или подоцна ќе се утврди, и ќе се дојде до оној од кој ова потекнало, ако не сакаме и довербата на полицијата да падне на два осто како што во овие шест години падна на обвинителсто и судот.